Една од најважните ако не и најважната работа пред да започнете да инвестирате е да го одберете правилниот брокер. Денес има многу повеќе опции отколку што претходните генерации би можеле да сонуваат, но исто така и изборот станува потежок. Пред да одлучите со кој брокер сакате да започнете соработка, внимателно прочитајте ги нивните правила и услови.

Во продолжение ќе разгледаме неколку клучни фактори кои ќе ви помогнат во изборот на брокер.


1. Знајте ги вашите потреби
Пред да започнете да ги разгледувате понудите на брокерските фирми, размислете што е најважно за вас да поседува една брокерска платформа или брокер? Одговорот може да биде многу поразличен, во зависност од вашите намери за тргување, во која валута сакате да отворите сметка, на кој пазар, со кои инструменти, итн.


2. Кој е вашиот стил на инвестирање?
Вашиот избор на брокер треба да биде под влијание на вашиот стил на инвестирање. Дали сте активен трговец или buy-and-hold инвеститор?


Доколку вашата стратегија е активно тргување, значи дека не планирате да ги држите акциите подолг период. Вие сте заинтересирани за остварување на добивка која е поголема од просекот на пазарот заснована врз краткорочната нестабилност на цените, каде може да се направат многу трговски зделки за кратко време. Во тој случај, треба да барате брокер со многу ниски провизии за извршување на вашите налози за да не го “изедат” целиот остварен приход.


Покрај провизиите за тргување постојат и други трошоци кои треба да ги земете во предвид како што се:
• Минимален износ за отворање на сметка и одржување на сметката
• Каматна стапка што ја наплаќа вашиот брокер за користење сметка на маргина
• Провизии и надоместоци за повлекување на средства од сметката

3. Регулатива и доверба на брокерот
Покрај дозволата за работа и во кои комисии/организации членува брокерската куќа, потребно е да проверите колку од вашите средства се осигурени во случај брокерската куќа да затвори. Не помалку важно, е да проверите колку брокерот ви помага да ги заштитите вашите лични податоци како и онлајн безбедност и поддршка.