Ивана Батев, мојот јога учител, ме охрабри да почнам една медитација. Тоа што научив од неа е дека најдобро е да се земе медитацијата како садана, како своја лична пракса, некој непрекинат период од време.

Нашиот ум работи во циклуси и користиме циклуси за да го совладаме. Потребни се 40 дена за да се промени навика, 90 дена за да се потврди новата навика, 120 дена за да ти станеш новата навика и 1000 дена за да станеш мастер на таа навика. Ако прескокнеме ден почнуваме од почеток.

Во овој контекст, сакам да Ве прашам дали сте спремни да направите нешто за себе и да го прифатите следниот предизвик за штедење пари во следните 52 недели или цела наредна година.

Концептот е многу едноставен. Започнувате со 1 евро во првата недела, 2 евра во втората недела, 3 евра во третата недела и така се до 52та недела кога треба да одвоите 52 евра во вашата касичка. Вкупниот износ што ќе го заштедите на крај изнесува 1.378 евра.

На овој начин не само што ќе ја смените навиката за вашиот однос спрема парите, туку и ќе почнете да учите како да управувате правилно со нив. За да ја постигнете вашата цел ќе биде потребно да направите план од каде ќе доаѓаат вашите пари што ќе треба да ги издвојувате секоја недела и да имате реални цели. Не помалку важно е да имате поставено лична цел која сакате да ја постигнете со заштедата на парите.

Верувам дека доколку имаме волја и сме посветени во тоа што го работиме можеме да постигнеме се. Но, таа волја треба да дојде од нас самите, да најдеме доволна љубов која ќе ни даде сила да му кажеме на нашиот ум дека можеме повеќе. Како?

Ако го дадеме зборот да го одржиме.