КАДЕ НАШИТЕ ИНВЕСТИТОРИ БАРААТ ЗАСОЛНИШТЕ ЗА НИВНИТЕ ПАРИ

Според проекциите на Министерството за финансии на РСМ, економската активност се очекува да бележи пад од 3,4% во 2020 година. Реалната штета врз македонската економија се очекува да биде најголема во вториот квартал од годинава. Со оглед на тоа дека ние се соочивме со КОВИД-19 во крајот на првиот квартал, премногу е рано да кажеме дека најлошото помина. Во третиот квартал се предвидува забавување на контракција на економската активност, додека во четвртиот квартал се очекува постепено закрепнување на економијата.

Како реагираа нашите инвеститори?

Вредноста на македонскиот индекс МБИ10 го достигна историски највисокото ниво на 11.02.2020 и неговата вредност изнесуваше 5002,11. Со случувањата на светските берзи, ние бевме неколку недели назад кое ни даваше предност да знаеме што е следно. Несомнено корекција на пазарот беше очекувана, и можеби вирусот беше само тригер за тоа да се случи по огромниот пораст кој го имавме последните години, особено минатата година. Никој не може да го предвиди следниот чекор на берзата, но тоа што можеше да се направи е да се излезе на време од позициите со што е можно помала загуба. Падот на цените на акциите на македонската берза беше неочекувано голем и за тоа голема улога имаше паничното продавање на акции. МБИ10 индексот ја изгуби целата вредност од 2019 година, додека најголем дел од акциите се тргуваа на пазарна цена еднаква на нивната книговодствена вредност. По брзиот пад на акциите, многу брзо се случи и закрепнување на берзата каде повеќе од 60% од изгубената вредност на берзански индекс МБИ10 се врати назад.

Што е тоа што ја врати повторно самодовербата кај нашите инвеститорите, земајќи ја предвид макроекономската состојба во земјата и во светот?

Кога имаме надолен тренд на пазарот  потребно е да имаме стратегија за зачувување на капиталот.  Зачувувањето на капиталот е стратегија за заштита на парите што ги имаме на располагање за инвестирање, на пример инвестиции со фиксен приход кои ветуваат враќање на главницата.

Традиционално, првиот изборот што го имаат инвеститорите е инвестирањето во државни хартии од вредност. Со моменталниот надолен тренд на каматни стапки, и покрај основната цел за заштита на капиталот, постои ризик од инфлација, односно заштитата од инфлација е речиси нула кај овие инструменти.

Секако тука е и жолтиот метал, златото. Скапоцените метали може да послужат како заштита кога акциите паѓаат, но тоа не значи дека може да заработите пари ако инвестирате во нив долгорочно. Купувањето и држењето злато може да ви овозможи краткорочни придобивки, но треба да се внимава на долгорочните ризици.

Извор:https://www.melissinostrading.com/

Според мене златото е средство за зачувување на капиталот отколку за создавање на богатство. Но, кога мислиме на златото и на останатите „скапоцени метали“, тоа може да значи многу работи. Имаме метали како што се злато и сребро, и имаме акции со различна пазарна капитализација.

Дали може сите три класи на инструменти да продолжат да одат нагоре? 

Мислам дека барем еден од нив ќе се преврти, пред да продолжат најсилните. Прашањето е дали овие стапки веќе го достигнаа својот врв и ќе продолжат да паѓаат, што значи дека акциите се новите лидери?

Сметам дека сме сведоци на време кога инвеститорите засолништето за своите пари го наоѓаат во инвестирање во блу чип компании и нивните акции.

Блу чип акциите се сметаат за безбедни опции за инвестирање бидејќи можат да ги издржат економските падови и се поотпорни на пазарните движења. Истовремено, претставуваат бавен, но умерен потенцијал за раст. Исто така, блу чип компаниите честопати плаќаат редовни и зголемени дивиденди со текот на времето и делумно успеваат да надоместат за било какви привремени паѓања на цената на акциите.

Ако го погледнеме МБИ10 индексот, кој се состои од само 10 акции, лесно може да погодите кој е изборот на блу чип компании кои нашите инвеститори сакаат да го имаат во своето портфолио.

Инвестирањето во блу чип компаниите во периоди како сегашниот со Ковид19 и големата волатилност на пазарот е добар избор на одбранбена стратегија каде што вашите парите ќе бидат зачувани но и оплодени.

Изборот на блу чип компании е секогаш добро почетно место за инвестирање на вашите пари. Компаниите се лесно препознатливи, со одлична репутација, финансиски здрави кои работат многу години и имаат сигурна заработка.

За авторотСнежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.

Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.

Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.

Напишете коментар

Disclaimer

Напомена:  Сите текстови, техники, графикони, анализи или резултати презентирани на страната на Инвест Поинт се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба. Инвест Поинт и неговите соработници нема да бидат одговорни за вашите инвестициони одлуки.
Send this to a friend