Минатата недела видовме доста големо придвижување на берзата кое беше неопходно да се случи како сигнал за пресвртница кон подобро. Забавувањето на инфлацијата во САД донесе бран на оптимизам на берзите. Се чини дека приказната за инфлацијата е при крај. Секако дека може и да грешам и ако грешам, ова би било ништо друго освен краткорочна корекција на пазарот.

Ако го погледнеме графиконот на US Dollar Index, имаме пробив на тренд линијата и придвижување на цената надоле. Силната корелација помеѓу цената на американскиот долар со пазарот на акции и берзански стоки, силно укажува на потребата од продолжување на нејзиното слабеење. 

Што се случува со златниот метал?

Цената на златото се чини дека направи лажен пробив и успеа да се задржи над $1670, кое претставува силна линија на поддршка. Во неколку наврати се обидува да ја пробие, но неуспешно. Се додека сме над тоа ценовно ниво, можеме да очекуваме пораст на цената на златото и тестирање на неговите претходни врвови околку $2000.

Кај среброто можеме да видиме идентична слика. Имаме формирање на дно и се додека цената успева да се задржи над $21,40, сакаме да бидеме во долга позиција и да го поседуваме среброто. Првиот таргет е $27,50.

Дополнително, ако го погледнеме приносот на 10-годишните државни обврзници, можеме да забележиме силен пад. Сеуште е можно приносот кај 10-годишните обврзници да отскокне и повторно да се врати на своите највисоки ценовни врвови, но не верувам дека тоа ќе се случи.