Асоцијацијата на технички аналитичари од југоисточна Европа (СЕЕМТ) на 15 октомври со почеток во 9 часот ќе организира „Investor Insight Summit“ каде што сите заинтересирани ќе може да научат за најновите трендови во тргувањето со акции, обврзници, фјучерси и други финансиски инструменти на светските берзи, менаџирањето со ризици, разбирањето и предвидувањето на трендови, како и подготовката на инвестициски стратегии.

Искусни брокери, фонд менаџери, аналитичари и останати професионалци од областа на инвестирањето ќе одржат предавања и презентации за време на настанот насловен „Искористете во вашиот потенцијал за профит: инвестициски стратегии и можности“,  што ќе се одржи онлајн преку платформата Zoom.

Така, на пример, учесниците ќе може да научат повеќе за опциите како финансиски инструмент, од Пол Мекларен, сертифициран пазарен техничар, којшто води фирма од Австралија специјализирана за едукација за опции. Лусиана Симион од компанијата TradeVille ќе зборува за ETF фондовите како избор за инвестирање, додека Матеј Реисман од Albacore ќе објасни за стратегиите на хеџ фондовите и како тие менаџираат со ризикот. Ќе има и говорници на темите како што се Volume Spread анализите и нивното значење кога се случуваат пресврти на берзите; опасности и можности на пазарите; Volatility Valuation Index; пронаоѓање вистинска стратегија за инвестирање; итн.

„Се потрудивме да поканиме навистина компетентни и значајни луѓе во своите професионални сегменти од областа на инвестициите, од регионот, Европа и светот, коишто се спремни да го пренесат своето знаење и искуство на сите заинтересирани од Македонија и пошироко. Самитот е наменет за брокерите, фонд менаџерите, банкарите, академскиот свет, но се разбира и за сите оние што имаат допир со светот на финансиите и инвестирањето и сакаат да научат повеќе за овие теми во време на големи турбуленции и неизвесност на светските пазари на капитал.“, вели Снежана Поповска, претседателка на СЕЕМТ.

Котизацијата на настанот е 50 евра, додека за членовите на СЕЕМТ присуството е бесплатно.
Повеќе за самиот настан, агендата и профилите на говорниците може да дознаете на линкот.