Во разговор со еден мој пријател кој цело време чека да направи “big short” на биткоинот после енормниот пораст од 300% изминатата година, решив да го напишам моето видување зошто сметам дека биткоинот е во силен нагорен тренд и дека тој ќе продолжи.
Биткоинот ја започна 2021 година со наредни 100% пораст на цената и сите сигнали упатуваат на уште повисоки цени во иднина.
Во месец јануари JP Morgain изјави дека ја проектира цената на биткоинот да достигне 146.000 американски долари, бидејќи се натпреварува со златото како “алтернативна” валута. Додека на почетокот индивидуалните инвеститори беа тие кои ја буткаа цената на биткоинот и предизвика нејзин пораст во 2017 година, сега влегуваат “големите” инвеститори како што се големите американски корпорации: PayPal, Fidelty, Tesla, потоа хеџ фондови, портфолио менаџери, членови на управни одбори… И покрај тоа што многу луѓе мислат дека нема многу простор останато за цената на биткоинот да продолжи да се движи нагоре, сметам дека биткоинот и останатите алтернативни криптовалути наречени “алкоини” ќе продолжат да растат. Една од причините за тоа, е што големите инвеститори се oсвртуваат кон биткоинот како алтернатива на златото за заштита од инфлација или како што го нарекуваат новото “дигитално” злато. Но, втората поголема причина е всушност самата блокчејн технологија која стои позади биткоинот и која ќе го смени целиот начин на кој живееме. Биткоинот, криптовалутите и блокчејн технологијата на која се изградени ќе променат сè. Буквално, ќе ја допрат секоја индустрија, почнувајќи од начинот на кој купуваме секојдневни добра и услуги, па се до финансиски услуги и трансакции, плаќања, начинот на кој ќе се чуваат вашите лични податоци, здравствена заштита, буквално сѐ што може да ви падне на памет. Оваа трансформација е веќе во тек, но вистинската промена допрва доаѓа. Колку повеќе блокчејн технологијата го менува светот на подобро, толку повеќе приходи ќе генерира и така придобивките за инвеститорите ќе бидат поголеми. Но, за да ја разберете вистинската вредност на оваа инвестиција треба да разберете дека криптовалутите не се “juicy” интернет пари. Тие се всушност инвестиции во една од нај вредните, нај револуционерни технологии што се некогаш создадени. За да полесно ја разберете нивната вистинска вредност, замислете ги криптовалутите и блокчејн технологијата позади нив, како некој нов софтверски програм. Развојот на технологијата и софтверските програми масовно ја подобрија нашата способност за комуникација, споделување информации, трансакции, собирање и анализа на податоци. Земете ги на пример Microsoft, Google, Adobe Systems. Нивните софтверските програми станаа врвни креатори на богатството во светот. Excel, PDF, Google search engine програмот и многу други станаа нашето секојдневие и ни помогнаа да станеме многу попродуктивни заштедувајќи ни време и пари. Е сега, замислете го биткоинот и останатоите алкоини како следна генерација на револуционерни софтверски програми и што сѐ може да допринесат за нас.
Пред да почнете да инвестирате во нив, советувам да се консултирате со инвестиционен советник за можностите и ризиците кои ги носат со себе и подобро да се запознаете со нив. Сите се креирани на различен начин и со различна намена.
И секако, не заборавајте да застанете и земете здив, секогаш кога ви е потребо. Вдиши, наполни гради, рашири срце. Издиши. Повторете колку пати и да ви треба.
#не заборавај да дишеш
За авторот: Снежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.
Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.