Лекција број 1:
Што е техничка анализа?
Техничка анализа е предвидување на идните движења на цените на финансиските пазари врз основа на проучување на движењето на цените и обемот на тргување во минатото. Тоа што е важно е да се напомене дека техничката анализа не дава апсолутни предвидувања за идните движења на цената. Наместо тоа, ТА им помага на инвеститорите да предвидат “веројатност“ што ќе се случи со цените со текот на времето и за таа цел техничките аналитичари користат широк спектар на финансиски графикони за проучување и анализа.
Една од клучните претпоставки за примена на техничка анализа е ликвидноста на дадениот инструмент. Ликвидност во суштина претставува обемот на тргување. Акциите кои имаат голем обем на трговија им овозможуваат на инвеститорите брзо и лесно да тргуваат без драматично менување на цената. Акциите кои имаат мал обем на тргување, потешко се тргуваат бидејќи во секое време нема доволно купувачи и продавачи и затоа истите се принудени значително да ја променат посакуваната цената за да ја остварат трговијата.
И покрај тоа што техничките аналитичари се опкружени со графикони, податоци, бројки, математички формули итн., тоа што тие проучуваат е однесувањето на човекот, поточно однесувањето на учесниците на пазарот во однос на стравот и алчноста како основни двигатели на цената. Сите инвеститори кои имаат било каков вид на интерес за одредена акција може да се сметаат за „пазар“ за таа конкретна акција и емоционалната состојба на тие инвеститори е тоа што ја одредува цената за таа акција. Ако повеќето инвеститори чувствуваат дека акцијата ќе расте, тогаш нејзината цена ќе се зголеми. И обратно, ако повеќето чувствуваат дека акцијата ќе паѓа, тогаш нивната цена ќе падне. Од тука, промената на цената на акциите со текот на времето е нај точен запис за емоционалната состојба – стравот и алчноста на пазарот за таа акција и со тоа, техничката анализа е во својата основа, студија за однесувањето на учесниците на пазарот.