Ќе започнеме со серија натписи поврзани со NFT секторот.
Оваа година сме сведоци како крипто индистријата забележа огромен прилив на капитал. Како последицa на тоа, некои сектори забележаа особено голем интерес како што е Non-Fungible Tokens или на кратко NFT секторот.
За NFT, наjверојатно сте слушнале по насловите во медиумите за уметниците како што е Бипл кој продаде NFT на аукциската куќа Кристи за 69 милиони долари или познатите креатори на мемиња кои заработуваат милиони од нивните оргинали. Можеби сте слушнале и за НБА Топ Шот кој добива сѐ поголеми придобивки во спортската заедница.
Поради големината на темата, ќе започнам прво со кратка историја и што претставува NFT па ќе продолжам со сегашниот и иден развој на оваа индустрија во следните текстови.
Што всушност претставува NFT?
Според страницата на Википедија посветена на темата „A non-fungible token (NFT) е единица податок кој е складиран на дигитална книга, наречена блокчејн, која што потврдува дека дигиталното средство е единствено и затоа не може да се заменува“.
Кажано поинаку, NFT функционира како дигитален „сертификат за автентичност“, кој е дизајниран заедно со дигитално средство за да се создаде веродостојно и уникатно средство што е создадено на платформа базирана на блокчејн како што е Етериумот.
Со оглед на моменталниот публицитет околу технологијата, би било лесно да се претпостави дека ова е нешто ново за крипто индустријата, но NFT всушност постојат веќе подолго време, дури и повеќе од една година пред појавата на Етериум мрежата.
Во мај 2014 година, човек по име Анил Даш, кој работеше како консултант на аукциски куќи и медиумски компании, во тоа време се здружи со пријателот и уметник по име Кевин МекКој за да го решат прашањето за дигиталните уметнички дела што се споделуваат преку Интернет без да се спомене оригиналниот уметник. Користејќи блокчејн наречен Namecoin, тие создадоа нешто што го нарекоа „монетизирана графика“, со што ја врзуваа сопственоста на оригинално дигитално дело со Namecoin блокчејн. Во следните неколку години, работеа напорно за да ја популаризираат идејата, но во ретроспекрива заклучија дека се малку пред времето, бидејќи идејата неколку години не се применуваше по нивниот првичен доказ за концептот.
Па така, нов, следен развој во секторот NFT е лансирањето на Етериум во средината на 2015 година, со проектот наречен „Етериа“ што започна само 3 месеци откако мрежата Етериум започна да работи.
Етериа во суштина беше првата „метаверза“ базирана на блокчејн, дозволувајќи им на корисниците да купат една од 457 „парцели“ во дигиталниот универзум, но исто како и монетизираната графика создадена од Даш и МекКој, идејата навистина не доби големо внимание. Всушност, повеќето парцели останаа непродадени сѐ до бумот на NFT во март 2021 година (повеќе од 5 години подоцна), кога сите парцели беа продадени за 1,4 милиони американски долари за помалку од 24 часа!
Друг интересен пример за раниот развој кој првично беше недоволно признаен е проектот CryptoPunks, кој претставува колекција базирана на Етериум од 10.000 цртани ликови од NFT, создадена во 2017 година од компанија наречена LarvaLabs.
Колекционерските предмети главно се сметаа за безвредни сѐ дo неодамнешната лудост која нѐ доведе до луди проценки на овие дигитални средства. Во јуни оваа година, CryptoPunk (#7523, насловен како „Ковид вонземјанин“ од сопственикот) беше продаден за неверојатни 11,8 милиони долари (800 ЕТХ) на аукцијата од страна на аукциската куќа Кристи. Според веб-страницата на LarvaLabs, тој крипто панк беше купен на 10 јули 2017 година за само 1.648 долари (8 ЕТХ во тоа време). Во однос на ЕТХ тоа е зголемување за 99x и во американски долари зголемување за 715x.
Имаше и неколку други проекти како што е “Децентраленд” коj што забележа значајно прифаќање уште од сам почеток за разлика од проектот CryptoPunks од LarvaLabs. Децентраленд e метаверза каде токенот МАНА е домашна валута. За првпат беше воведена во 2018 година и им овозможи на корисниците да купуваат дигитално земјиште и исто така и да основаат бизниси на земјата во рамките на дигиталната заедница. За неколку месеци, проектот вредеше приближно 20 милиони американски долари и продолжува да постои и да расте до ден денес, со тоа што луѓето поставуваат сѐ, од уметнички галерии до казина во дигиталниот свет.
CryptoKitties, игра базирана на блокчејн која им овозможува на играчите да посвојуват и да тргуваат со виртуелни мачки, е уште еден значаен пример бидејќи во тоа време се сметаше за „апликацијата што го скрши Етериумот“. Играта брзо стана вирална (најверојатно бидејќи објавувањето на играта се совпадна со еуфоричната фаза на крипто пазарот) и предизвика огромен притисок врз трансакциите, забавувајќи ја Етериум мрежата.
Играта оттогаш исчезна во историјата на крипто, но програмерите (Dapper Labs) открија нов блокчејн наречен FLOW и создадоа ново искуство со NFT во партнерство со НБА. Заедно, тие објавија платформа наречена Топ Шот, која ја поврза NFT инфраструктурата со огромната и профитабилна индустрија за спортски сувенири.
Според генералниот директор Рохам Гарегозлу, НБА Топ Шот оствари над 700 милиони долари вкупна продажба за помалку од една година. Ова е неверојатна продажба за производ што НБА речиси и не направи некоја маркетинг кампања. Тоа беше главно преклопување на интерес кај љубителите на крипто и спорт.
Останете во тек каде ќе прочитате за оваа индустрија како да ги искористите можностите, да дознаете повеќе за трендовите на пазарот и каде може да го видиме развојот на оваа интерсна технологија во иднина.