Како што беше со Initial coin offering (ICO) во 2017-2018 и DeFi во 2019-2020, оваа година НФТ секторот зазема огромен публицитет со постоечки проекти и нови проекти и случувања кои доминираат во целата крипто индустрија.
Претходниот наптис беше посветен на потеклото и историјата на НФТ секторот. Во продолжение ќе се потрудам да ви ги претставам тековните трендови во овој сектор и како овие проекти предизвикаа апсолутен бум во крипто индустријата. Прво, ќе започнам со дел од најпопуларните трендови што се случуваат во овој сектор, потоа некои од проектите што се пробиени во мејнстримот и на крај увид во ресурсите што можете да ги користите за да се вклучите и вие.
Во првиот дел, посочив неколку проекти кои беа „првите двигатели“ како што се CryptoPunks, CryptoKitties и Decentraland, но денес на пазарот се нуди практично се, од деривативни проекти до нови игри базирани на блокчејн, па дури и НФТ колекционерски предмети од модни икони, уметници, познати личности и спортисти.
Веројатно најпозната е работата на уметникот по име Бипл која беше доста голем катализатор за остатокот од секторот. Бипл (чие вистинско име е Мајк Винкелман) е графички дизајнер кој во последните 15 години од неговата кариера има изградено неверојатна колекција работејќи со компании како Apple, Coca-Cola, Louis Vuitton, Nike, и Sony. Покрај оваа импресивна биографија, тој изгради колекција на дела наречена „Секојдневие“, каде што креираше ново дигитално уметничко дело секој ден во наредните 5000 дена и потоа го продаде преку аукциската куќа Кристи, каде со едно парче достигна цена од 69 милиони долари.
Од друга страна, Бипл не е единствениот уметник што ја придвижува технологијата до широката маса . Голем број други дизајнери како Virgil Abloh (од модниот бренд Off-White) и дизајнерските куќи од високата мода како Louis Vuitton и Gucciисто така го искористија бумот, издавајќи колекции поврзани со нивните модни брендови.
Покрај нив, тука се и познати личности од областа на музиката, филмот и спортот кои објавија свои колекционерски предмети за нивната база на обожаватели. Tom Brady (легендарниот бек на НФЛ) уште во април објави дека работи на платформата наречена Autograph, која ќе функционира како пазар за НФТ за спортски колекционерски предмети. Минатиот месец, тој објави дека пазарот ќе соработува со Lionsgate и Draftkings, така што ова сигурно ќе биде интересна платформа за гледање како расте и достигнува огромна публика кај љубители на спортот во САД и пошироко.
Се разбира, тука е придонесот на NBA Top Shot за приближување на љубителите на спортот во НФТ индустријата. Развиена од Dapper Labs, креаторите на Cryptokitties, се чини дека NBA Top Shot се појави преку ноќ со нивната платформа која им овозможува на корисниците да тргуваат со токенизирани „моменти“ или дигитални клипови од игрите кои користат НФТ технологија за да функционираат на сличен начин како што имаат бејзбол картичките со децении.
Дополнително, и за разлика од повеќето други пазари за НФТ, корисниците на NBA Top Shot не треба да имаат позадина во крипто за да можат да ја користат платформата бидејќи се може да се направи во наменската апликација. Овој вид на корисничко искуство е неверојатно корисен за континуираното ширење на технологијата и најверојатно ќе видиме како многу идни платформи ќе ги следат нивните чекори.
Најновата лудост во овој сектор беше предводена од играта наречена Axie Infinity, која е онлајн игра инспирирана од он-лајн играта Покемон , која им овозможува на корисниците да собираат, тргуваат и да се борат со своите дигитални миленичиња наречени „Axies“, кои се поврзани со NFT-и на Етериум блокчејн мрежата. Исто како и Cryptokitties, Axie Infinity изврши огромен притисок врз мрежата на Етериум поради неверојатната побарувачка за играта и нејзините колекционерски предмети. Всушност, играта достигна еден милион корисници и ја надмина границата од 1 милијарда долари во продажба само оваа недела. Иако играта беше развиена во 2018 година, таа ја зголеми својата популарност во последните неколку месеци со остатокот од пазарот за НФТ.
Компаните за видео игри секако не можеа да не го забележат ова движење и успехот што го постигнаа овие игри. Па така, Ubisoft, една од најголемите компании за развој на видео игри во светот, веќе неколку години експериментира со оваа технологија и навести голем број на случаи за идна употреба во рамките на постојните франшизи за видео игри, кои најверојатно ќе излезат на пазарот наскоро. Дополнително, Gamestop неодамна објави дека ќе изгради НФТ платформа за поддршка на индустријата за видео игри. И покрај прилично ограничените информации по објавувањето, индустријата за видеоигри и крипто секако се возбудени.
Најверојатно до сега веќе сте љубопитни да знаете каде може да научите повеќе и да се вклучите и вие, особено откако ќе прочитате за дигиталната уметност која чини десетици милиони долари и за дигиталните мачки што направија хаос врз основната инфраструктура на криптото. Во продолжение ќе се потрудам да напишам како и од каде да започнете доколку сакате да читате повеќе дури и потенцијално да купите сопствени НФТ.
Скоро како и сите други форми на дигитални средства, НФТ се купуваат и продаваат на пазарот и има неколку специфични платформи кои ги предводат останатите. Веб страниците како OpenSea, Rarible и Nifty Gateway се најдобрите места за прелистување на бескрајните колекции на дела што се создадени (обично се нарекуваат „minted“) од уметници, дизајнери и компании. Овие страници ви овозможуваат да поврзете надворешен крипто паричник како Metamask што ќе функционира како „дом“ за НФТ. Бидејќи овие дигитални производи ги имаат истите технички карактеристики како и повеќето крипто токени, вие всушност купувате НФТ со Етериум или stablecoin а потоа го чувате НФТ-то во вашиот Етериум паричник.
Купувањето и продавањето не е единственото нешто што можете да го направите на овие веб страници. Сите овие платформи ви овозможуваат да следите кога е создадено средството, кој е сопственик на средството и кои биле претходните сопственици (доколку ги има), каква е историјата на цените и кои други средства може да бидат поврзани како дел од поголема колекција. За таа цел, многу НФТ колекции се шират низ повеќе платформи, така што веб страницата Nonfungible.com е одлична референца за следење на податоците низ различните веб страници што се грижат за овој сектор.
Друга нешто што треба да се земе во предвид е дека постојано се создаваат нови НФТ и ако барате да вложувате шпекулативни облози за вредноста на средствата, а не само да го собирате делото за неговата естетска привлечност, често е паметно да купите уметнички дела пред да се открие колекцијата од широката маса. Се разбира, и без да има потреба да се напомене, ова се дефинитивно едни од поризичните облози во крипто индустријата и НФТ навистина функционираат повеќе како колекционерски предмети отколку како инвестиции, но ако сакате да бидете дел од целата оваа возбуда околу НФТ и да побрзате да се качите на бродот, побарајте „ release calendars “ каде се закажани следните продажби на нови средства (обично се нарекуваат „ drops “). Сите гореспоменатите платформи рекламираат “drops” на нови колекции на нивните почетни страници, но исто така можете да го користите и NFTcalendar.io за консолидиран преглед на “drops” низ различните платформи.
Колку повеќе читаме и учиме за НФТ секторот, почнуваме да гледаме безброј можности како можеме да ја искористиме оваа технологија во многу индистрии. NFT е претежно новина, но моќта на технологијата што ја носи со себе ќе го промени начинот на кој комуницираме, инвестираме и воведуваме на иновации во годините што доаѓаат.