ЕТФ-и се отворени инвестициски фондови кои се тргуваат на организирана берза – ETF (Exchange Trade Funds)

Отворените инвестициони фондови кои се тргуваат на организирана берза (ЕТФ-и) правно се структуирани како отворени инвестициони фондови со таа разлика што со нив се тргува на берза, на пример како со акција. Најголемиот број ЕТФ-и се индексни фондови. Инвеститорите купуваат акции во ЕТФ-те преку овластени брокерски куќи и посредници на ист начин како што купуваат и акции од компании.

ЕТФ-те се денес многу популарни финансиски инструменти. Причини за нивната популарност се:

  • Ликвидност – ЕТФ-те се тргуваат како и акциите. Со нив може да се тргуваат кратки позиции (short selling), да се купуваат и продаваат во текот на целиот ден за тргување со тековна цена на пазарот, да се купуваат на маргина/заем.
  • Се тргуваат исто како акциите, преку цел ден секој работен ден.
  • Транспарентност – инвеститорот во ЕТФ-и точно знае во кои финансиски инструменти се инвестира од страна на фондот, преку јавно објавена информација.
  • Ниски трошоци и мали провизии – затоа што во најголем број се пасивно менаџирани.
  • Диверсификација – преку една инвестиција, еден инвеститор може да вложи во огромен број на компании, обврзници или да се изложи на цел пазарен индекс или сектор.

Популарноста на ЕТФ-те може да се види од следниот графикон, во крајот на 2018 година имало $4,7 трилиони долари инвестирано во нив.

Извор: ETFGI

ТИПОВИ НА ЕТФ-и

Постојат различни видови на ЕТФ-и достапни за инвеститорите што можат да се користат за генерирање на приходи. Подолу се дадени неколку примери за типовите на ЕТФ-и.

  • Индексни – акциски ЕТФ-и вложуваат во група на акции кои го реплицираат зададениот берзански индекс на акции.
  • Секторски ЕТФ-и – се фокусираат на вложување во акции кои се репликација на одреден сектор од економијата, на пример енергетика, технологија и други.
  • Индексни – обврзнички ЕТФ-и вложуваат во група на обврзници (државни, корпоративни, општински) кои го реплицираат зададениот берзански индекс на обврзници.
  • ЕТФ-и на берзански стоки – вложуваат во берзански стоки како на пример обоени метали, земјоделски култури и енергенси.
  • Валутни ЕТФ-и – инвестираат во странски валути како Евро, Долар, Фунта и се обидуваат да остварат принос и заработка од промената на одредена валута заедно со референтната камата.
  • Инверзни ЕТФ-и – се обидуваат да заработат од падот на цените на берзите и инвестираат со тоа што отвораат кратки позиции – “shorting”. Shorting е продавање на хартии од вредност каде инвеститорите очекуваат дека ќе има пад на нивната вредност за да можат повторно да ги купат на пониска цена.