“Scared money don’t make money!”
Можеби сте ја слушнале оваа поговорка и знаете дека лекот против стравот секогаш е вистината, колку повеќе знаете нешто, толку помалку станува страшно. За тие што сте нови во крипто светот, веројатно изминатите две недели беа страшни за вас. За останатите, што сте дел од крипто пазарот неколку години, знаете дека овие пазари се многу волатилни и дека е потребно да имате добар желудник за да ги издржите овие ценовни промени. Колку за информација, биткоинот има годишна волатилност од 75% до 100%, додека пак етериумот има помеѓу 90%-120%. За споредба, берзанскиот индекс на акции S&P500 има годишна волатилност од 18,1%. Затоа, ве советувам да почнете да инвестирате во крипто само со парите кои ви се вишок и од кои немате потреба да платите некоја сметка или да покриете некој трошок, со други зборови пари од кои не зависите. Исто така, не помалку важно е да имате дефинирано правилна големина на позицијата. Започнете со некој помал износ и проверете дали можете да преживеете и да заработите пред да влезете со поголема инвестиција. Ризикот и наградата се две страни на истата инвестиција, па затоа колку сте повеќе запознаени со крипто пазарите, полесно ќе ви биде да ја издржите нестабилноста, па дури и да ја искористите со тоа што ќе купувате поевтино кога пазарот ќе прави корекција.
И најважно од сѐ, направете свое истражување пред да започнете било каква инвестиција. Не можете да купите нешто, зошто некој ви кажал или само затоа што очекувате неговата вредност да порасне со време. Информирајте се каде ги инвестирате вашите пари и зошто ги инвестирате. Направете анализа зошто сакате да ги купите тие алткоини, каков проект стои зад нив, проверете на кои менувачници може да ги купите, колкава пазарна капитализација имаат итн. Кога ќе имате доволни причини кои ја оправдуваат вашата инвестиција ќе бидете поспокојни да бидете дел од пазарот и да не дозволите ценовните промени да ја поколебаат вашата одлука.
Последниот пад на цената на биткоинот беше предизвикана од неколку причини кои се појавија во исто време и само го зголемија интензитетот на продажбата. Дел од продажбата беше остварена од учесници кои тргуваат на кратки рокови и излегоа од своите позиции со цел да ги намалат своите загуби. Но, поголемиот дел од продажбата беше реализирана од така наречените “слаби раце” – учесници кои не се посветени на средствата кои ги купуваат и лесно се потресуваат кога работите знаат да станат малку трнливи. Се воспостави дека новите учесници во пазарот беа тие кои продаваа во паника и реализираа загуби, додека долгорочните “холдери” на биткоин и алткоини се покажа дека останаа незасегнати од изјавата на Илон Маск и објавите на Кина за новите мерки. Бидејќи зделката секогаш има две страни, на сметка на тоа што едни губат, други добиваат. Измината недела, додека слабите играчи продаваа, претпоставете кој купуваше по намалени цени? Големите играчи. Па така, имаше агресивно купување и големи пари се инјектираа на пазарот од т.н. Whales – Very Wealty Traders (поседуваат помеѓу 1.000 и 5.000 биткоини) кои масовно купуваа на цени под 43.000 долари. Некои од нив се: MicroStrategy, ARC Invest, Bridgewater Associates и многу други.
За крај, запомнете дека не можете да го контролирате пазарот, но тоа што можете е да ја контролирате вашата емоција и вашата реакција на пазарот.
За авторот: Снежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.
Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.
Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.