На годишниот Светски економски форум во Давос, кој се одржа во месец јануари, министерот за финансии на Саудиска Арабија, Ал Џадан одвои време да ги пофали односите на земјата со Кина. Тоа доаѓа како потврда на веќе отворените преговорите помеѓу Саудиска Арабија и Кина за трговија на нафта и гас, со кои порамнувањето би се исплаќало во кинески јуани и представува еден од  најважните настани во последните 50 години.

Првичниот договор меѓу Америка и Саудиска Арабија од 1973 година, кога САД ветија безбедност за Саудиското Кралство во замена за системот на петродолари кој ја поткрепува силата на доларот како глобална резервна валута,  беше најголемиот геополитички развој во 1970-тите и уште поважен што се однесува до доларот по напуштањето на Бретон Вудс. Создавањето на петродоларот е она што оттогаш управува со светот. Па затоа, ставањето крај на режимот на петродолар, не треба да се потцени. Со давање на знаење дека Саудијците ја снабдуваат Кина со нафта и се спремни да прифаќааат кинески јуан наместо долар за порамнување, се очекува да се наруши монополот на американскиот долар што САД го наметна и спроведува од 1974 година.

Кои се импликациите за трговијата и влијанието врз глобалната трговија со потпишувањето на овој договор за соработка помеѓу Кина и СА и се поголем број земји кои се оддалечуваат од поддршката и стабилноста на САД?

Се чини дека Русија, Кина и Саудиска Арабија ќе направат огромен, колективен притисок за да се обидат да го симнат американскиот долар како глобална резервна валута. Кина планира да  формира „нова глобална резервна валута”. И не случајно, Кина купи 100 тони злато и продолжува да складира злато додека продава државни хартии од вредност. Златото ќе биде клучен фактор за Кина, бидејќи нацијата се обидува да го зајакне меѓународниот кредибилитет на јуанот и продолжува да ги поттикнува своите планови за купување нафта од Саудиска Арабија.

Но, Кина не е единствената земја која планира да издаде своја дигитална валута. На 16-ти јануари, се појавија извештаи од Русија кои укажуваат дека земјата има намера да биде партнер со Иран за да создадат дигитална валута за употреба во порамнување на прекуграничната трговија. Извештаите сугерираат дека новата дигитална валута ќе биде поддржана со злато и ќе и овозможи на Русија да плаќа за увоз од Иран во услови на строги банкарски ограничувања со кои се соочуваат двете земји поради санкциите.

Веста сè уште не е потврдена од извори надвор од Русија, и не е јасно дали предложениот потег официјално добил благослов од владата на која било земја. Извештаите, исто така, сугерираат дека Русија нема да преземе таков потег додека не ја финализира предложената правна и регулаторна рамка за криптовалутите, која сè уште го пробива својот пат низ законодавниот процес.

 

Меѓутоа, доколку вестите се вистинити, извештаите тешко дека би биле изненадувачки. Од 2018 година, Иран започна да ги користи своите огромни енергетски резерви за да се вклучи во рударството на Биткоин, за да ги заобиколи санкциите, генерирајќи приход од дури 1 милијарда американски долари во процесот. Минатата година, Иран призна дека користел Биткоин за да плати за увоз – форма на порамнување што му овозможува да врши трансакции надвор од банкарскиот систем.

Русија, од своја страна, имаше измешана историја со крипто, и во еден момент се наклони кон нејзино забрана. Сепак, по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година и последователното наметнување на експанзивни санкции, Москва зазеде поотворен став – поставувајќи предложена регулаторна рамка која ќе овозможи користење на крипто во меѓународната трговија..

Во меѓувреме цената на златото и останатите благородни метали  продолжува да се искачуваат нагоре.

Во корист на златниот метал е и најновото истражување на World Gold Council кое сугерира дека овој тренд веројатно нема да се промени, бидејќи 25% од централните банки очекуваат дополнително да ја зголемат својата изложеност на благородни метали, во споредба со 21% минатата година.

Можете ли да си замислите среброто да се тргува на цена од $100?

Штом среброто ги достигне неговите највисоки врвови на сите времиња, ќе порасне многу, но има долг пат да стигне до таму. Сметам дека тоа нема да биде проблем, среброто е склоно кон експолизивни потези и ако златото го направи својот пат кон $5.000, среброто најверојатно ќе го следи и ќе достигне нови ценовни врвови на сите времиња.

За авторот: Снежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.

Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.

Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.