Структурата на пензискиот систем во нашата земја се темели врз три столба на осигурување и тоа: задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб), задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

Самиот збор задолжително кажува дека работодавците задолжително уплаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување од 18.8% од бруто платата. Од тој износ, 12,8% се уплатуваат во Фондот за ПИОСМ, а 6% задолжително се уплатуваат во задолжителниот пензиски фонд од вториот столб, на индивидуалната пензиска сметка на осигуреникот.

Тоа што треба да знаете е дека Вие одлучувате во кој задолжителен пензиски фонд сакате да станете член, односно кој да управува со вашите пари.

Во Македонија постојат три регистрирани друштва за управување со пензиски фондови. Тоа се:

  • КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
  • Сава пензиско друштво АД Скопје
  • Триглав пензиско друштво АД Скопје

Веднаш по Вашето вработување, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОСМ) по случаен избор ве распределува во еден од трите задолжителни пензиски фондови управувани од пензиските друштва, додека Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) е должна писмено да ве информира дека во рок од три месеци од датумот на вашето вработувањето имате право да изберете во кој пензиски фонд сакате да станете член.

Доколку во дадениот рок од три месеци не изберете во кој задолжителен пензиски фонд сакате да станете член, по истекот на тој рок останувате член во пензискиот фонд во кој сте биле претходно распределени по случаен избор.

Исто така треба да знаете дека можете слободно да преминете и да се зачлените во друг задолжителен пензиски фонд. За да го направите тоа потребно е само да потпишете договор за премин со Друштвото за управување со пензиски фонд и да потпишете изјава за согласност за премин.

“Надоместок за премин од еден во друг задолжителен пензиски фонд се плаќа кога членот е дел од постоечкиот задолжителен пензиски фонд пократко или еднакво на 2 години (720 дена). Доколку периодот на членство е подолг од 720 дена, преминот е бесплатен.”

Третиот столб е доброволно пензиско осигурување каде на доброволна основа вие или пак вашиот работодавецот уплаќа средства. Основната цел на третиот пензиски столб, независно од државното пензиско осигурување, е можноста да обезбедите повисок приход по пензионирањето.