Да се биде свесен инвеститор значи да се препознаваат шемите на однесувањето кои може да влијаат на нашите инвестициски одлуки. Еден од начините како можеме да го намалиме влијанието на овие модели на пристрасност во однесувањето е да ги погледнеме графиконите. Тие претставуваат одлична алатка која ни помага да се фокусираме на доказите. Како инвеститори, можеме да аргументираме за дадена акција дека е подценета или надценета и зашто треба да се купи или продаде соодветно. Но, тоа за кое не можеме да спориме е цената. Цената представува единствената вистина.

Па така, наместо да се прашуваме Како се чуствувам за оваа потенцијална инвестиција?, прашањето што треба да си го поставиме е Што ни кажува пазарот денес?

Цената на берзанскиот индекс S&P500 историски се наоѓа на највисоките нивоа на сите времиња. Перформансите на берзанскиот индекс оваа година достигнаа скоро 26% принос, со неколку нормални корекции од 5% кои се случија во текот на  годината.

Ако погледнеме кои се најголемите победници, ќе забележиме дека 10 компании имаат најголемо влијание кај перформансите на идексот. Првите 10 најголеми компании според пазарна капиталиција представуваат 30% од целата пазарна капитализација на берзанскиот индекс. Да не беа огромните приноси остварени од страна на компаниите како Apple (AAPL), Google (GOOG), Microsoft (MSFT), Tesla (TSLA) и Nvidia (NVDA), приносот оваа година ќе беше многу поразличен.

Дали 2022 година ќе биде почеток на нов тренд?

Колку и да се обидуваме да правиме предвидувања на пазарот, вистината е дека не можеме да погледнеме напред во иднината. Доколку би можеле да ја предвидиме иднината, би ги знаеле сите добитни ливчиња на лотарија.

Но, тоа што можеме да направиме е да го анализираме минатото, да ја согледаме сегашноста и да ги препознаеме можните изходи во иднина. Исто како што метеоролозите ни даваат прогноза за времето и ни помагаат да се подготвиме пред да излеземе надвор (ако велат дека веројатноста за дожд е голема, многу веројатно дека нема да излеземе надвор неспремни без чадор), ќе се обидам да ви дадам прогноза за тоа што може да очекуваме следната година и најбитно од сѐ, како да се подготвиме за да реагираме соодветно.

Се приближуваме кон крајот на оваа година кога се прават предвидувања за тоа што може да очекуваме следната година кај финасиските пазари. Постојат два спротиставени изгледи. Од една страна имаме финансиски аналитичари кои велат дека во следната година можеме да очекуваме глобалниот раст да продолжи со забавено темпо поради ризиците со глобаните синџири на снабдување и инфлацијата. Од другата страна, имаме аналитичари кои имаат помалку оптимистичко сценарио и предвидуваат дека ќе има голема волатилност на пазарите и евентуална промена на трендот во надолна линија. И двете страни имаат силни аргументи кои ги поддржуваат нивните анализи и препоставки.

Кој ќе биде во право?

За жал, тоа не можеме да знаеме, но можеме да се подготвиме за ризиците и да ги искористиме можностите кои се пред нас.

На графиконот е претставен берзанскот индекс на акции S&P500. Од графиконот можеме да видиме дека индексот сеуште се наоѓа во нагорен тренд. И покрај тоа што индексот се наоѓа околу своите највисоки постигнувања, тоа што сакаме да видиме е ширината на пазарниот индекс. Ширината се однесува на тоа колку акции учествуваат во даден потег на индексот. И покрај тоа што еден индекс може да расте, повеќе од половина од акциите на индексот може да паѓаат па така мал број на акции имаат толку големи добивки што го влечат целиот индекс повисоко. Индикаторите за широчината на пазарот можат да откријат дека повеќето акции всушност не функционираат добро, иако растечкиот индекс прави да изгледа дека повеќето акции се добро – индексот е просек од акциите во него. Во долниот панел од графиконот е претставен индикатор за широчина кој ни го претставува процентот на акции од берзанскиот индекс S&P500 кои се наоѓаат над нивниот 50 дневен и 200 дневен ценовен просек.  Читањето на овој индекс  над 70, значи дека имаме здрав пазар, каде поголемиот дел од акциите го придвижуваат  индексот нагоре, односно перформансите на индексот не се послецица од порастот на само мал број на акции.

Дококлу имаме нови издигнувања а ширината на индексот ни кажува пониски читања, време е да бидеме претпазливи.

Сметам се додека берзанскиот индекс се наоѓа над $4500 најлошото е зад нас и можеме да очекуваме пробив и ново ценовно издигнување на индексот.

За авторотСнежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.

Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.

Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.