Секојдневно во мојата професија среќавам колеги кои ми кажуваат дека цврсто се потпираат на фундаменаталната анализа, внимателно ги анализираат заработките на компаниите и го мерат нивниот удел на пазарот, колку е “здрава” компанијата, следат демографски фактори, се со цел да ги одберат најдобрите акции за своите клиенти. Она што тие не го кажуваат е дека и покрај нивните анализи пред да донесат било каква одлука ги погледнуваат графиконите на акциите.
Зошто е тоа така? Затоа што употребата на графикони – техничка анализа е сеуште најдобриот начин за да знаат дали нивните анализи се валидирани од реалниот свет.
Да предпоставиме дека одредена компанија креира нов производ. Анализите покажуваат позитивни бројки за продажба со солидна маргина, критичарите од истата индустрија даваат позитивни коментари. Како резулатат на направените анализи, инвеститорите донесуваат решение за купување на акции од соодветната компанија и наеднаш гледаат како вредноста на нивните акции паѓа. Тоа што тие не знаат е дека вредноста на акцијата веќе пораснала за повеќе од 50% во таа година и како резултат на тоа продавачите почнуваат со поголем интензитет да продаваат. И покрај тоа што компанијата има солидни перформанси и ќе направи позитивни финансиски резултати во иднина, вредноста на нејзите акции веќе ја рефлектирала таа информација и тоа може да се види дококу ги погледнеме графиконите.
Техничката анализа често наидува на критики во инвестицискиот свет, и тоа што сакам да потенцирам е дека техничката анализа не е погрешна, туку треба да се обвинат практикантите кои погрешно ја употребуваат ТА за предвидување на движење на пазарот како на пример затоа што на графиконот се вкрстиле две линии на просечни движења на цената.
Цената на акцијата не се движи затоа што се вкрстиле двете линии. Двете линии се вкрстиле затоа што цената на акцијата ни покажува нешто. И тоа што ни покажува е дали шансите за купување или за продавање се подобри.
Техничката анализа не ни кажува точно што ќе се случи на пазарот, но ни дава идеја како да реагираме.
ШТО Е ТЕХНИЧКА АНАЛИЗА?
Техничата анализа е студија за движење на цените на пазарот и се користи како методологија за прогнозирање на насоката на цените. Техничката анализа ги проучува сите објавени податоци кои се генерирани од пазарите и од поведението на учесниците на пазарот.
Податоците кои се користат при анализите се ценови прагови кои служеле како пресвртни точки во минатото, бројот на акции или удели купени и продадени секој ден (волумен или обем на тргување) и брзина на движење на цената во одреден временски интервал (интензитет).
Во техничката анализа се користат две ценови нивоа или прагови и тоа: ниво на отпор и ниво на поддршка. Ако цената на одредена акција во некоку наврати достигне цена од 50 ЕУР, таа цена ќе се смета за ниво на отпор затоа што има тенденција да се задржи на тоа ниво и да не продолжи да расте во продолжение на одредено време. Зошто е тоа така? Се смета дека цената на соодветната акција на тоа ниво е скапа и тогаш инвеститорите отвараат позиции за продажба, зголемувајќи ја понудадата во споредба со побарувачката.
Техничката анализа исто така се обидува да го измери “расположението” на инвеститорите, односно што тие мислат за одреден пазар во дадено време. Ова е многу важно затоа што кога сите мислат на ист начин, пазарот има тенденција да реагира во обратна насока. Со други зборови, алчноста и стравот го движат пазарот. Кога сите се убедени дека одреден пазар ќе продолжи да се движи нагоре, теоретски на врвот веќе сите имаат купено. Во такви ситуации, било која негативна вест, било тоа да е вистинска или перцепирана, ќе предизвика масивна продажба. На пример, во месец март 2009 година, на крајот на “bear market” – мечкин пазар, расположението на инвеститорот беше негативно повеќе од било кога, но ако погледнете во репроспектива тоагаш беа најдобрите можности за купување во историјата.
КАКО ФУНКЦИОНИРА?
Основната идеја е дека активностите од сите учесници на пазарот оставаат индикации на графиконите кои ние треба да ги пронајдеме. На пример, после одреден нагорен тренд на цената на одредена акција, и купувачите и продавачите на пазарот стануваат по малку несигурни. “Биковите” сакаат и имаат тенденција да ги затворат позициите порано и да го земат својот профит додека “мечките” сеуште не отвараат кратки позиции.
На графиконот, гледаме пониски ценови издигнувања и повисоки ценови падови. Тие формираат намален ценов дијапазон кој личи како триаголник и од таму неговото име.
Кога ваков ценов модел се формира на графиконите, тоа што знаеме е дека акцијата е во мирување или конгестија пред да го направи следното движење. Дали следниот пробив ќе биде повисоко или пониско од дадениот опсег на триаголникот допрва треба да се увиди. Сепак, во најголем број од случаите, кога цената ќе пробие надвор од триаголникот, има тенденција да продолжи во таа насока.
Н.Б. Триаголникот што е формиран на графиконот не ни кажува што ќе се случи. Сепак, кога пазарот ќе го пробие триаголникот, добиваме добра идеја како да реагираме на пазарот. Дури и кога акцијата ќе ја пробие цената надвор од триаголникот, аналитичарите не знаат со сигурност дека цената на акцијата ќе се движи надоле и не знаат колку долго ќе трае тој надолен тренд. Тоа што тие знаат е дека веројатноста од остварување на проофит со продавање – short selling на соодветната акција е добра.
Што ако анализата е погрешна? Лажен пробив е исто така можен, но во тој случај предноста е што моделот ви кажува дека вие сте на погрешната страна многу порано, наместо покасно и ви дозволува да ги доведете загубите на минимум.
КАКО СЕ КОРИСТИ?
И покрај тоа што постојат многу комплекси формули и алгоритми за употреба на техничката анализа, најголем број од инвеститорите може да имаат корист доколку знаат само неколку работи за пазарот или хартијата од вредност што сакаат да ја купат.
- Дали трендот е нагорен или надолен?
- Кои се најблиските нивоа на подршка и отпор?
- За тргување со акции, споредба со секторот или пазарот во целина.
Трендот представува насока на движење на цената во определено време. Ако цената на графиконот се движи од долниот лев агол кон горниот десен агол, тогаш имаме нагорен тренд и обратно.
Постојат индикатори со кои може да се измери интензитетот на трендот, но тоа што треба да се запомни е дека кога акцијата или одреден пазар прави повисоки врвови и повисоки долини во одреден период од време, тогаш имаме нагорен тренд.
Во физиката, телото има тенденција да остане во движење освен ако не е под влијание од некоја надворешна сила. Некои од силите кои дејствуваат на пазарот се намалени перформанси или недостаток на интерес (кое може да се види од обемот на изтргувани акции).
Исто така постојат ценови нивоа – прагови. Поддршка е ценово ниво на кое акцијата или пазарот има тенденција да престане да паѓа. Отпор е ценово ниво на кое пазарот има тенденција да престане да расте. Поддршката обично представува ниво на кое цената е ефтина, додека отпор е ниво на кое цената е скапа. Ако одредена акција што сакате да ја купите се наоѓа на цена на која во минатото продавачите станувале активни подобро е да ја преиспитате одлуката за купување. Но, ако акцијата штотуку го пробила тоа ниво на отпор, психологијата на пазарот се сменила и тоа што предходно се сметало за скапо сега може да се смета за ефтино.
Анализата на релативна сила на одредена акција е споредба на истата со нејзините конкуренти, со секторот или пазарот пошироко. Кога имаме биков пазар, не сите акции имаат исти перформанси, односно некои се подобри од другите. Со други зборови, не сакате во своето портфолио да имате акции кои заостануваат зад пазарот без оглед на тоа што фундаметалната анализа ви кажува.
ТЕХНИЧКИТЕ И ФУНДАМЕНТАЛНИТЕ АНАЛИТИЧАРИ ТРЕБА ДА СОРАБОТУВААТ ЗАЕДНО
На прв поглед може да изгледа чудно, но фундаменталните и техничките аналитичати треба да работат заедно и да се надоплнуваат едни со други иако нивните анализи за едно иста акција може да бидат различни. На пример, вредноста на одредена акција според фундаменталната анализа може да биде преценета на пазарот, но ако го погледнеме графиконот на истата акција и погледнеме дека нагорниот тренд е уште силен, значи постои уште простор за пораст на цената и можеме да ја чуваме уште некое време пред да почнат играчите кои ја вреднуваат истата да ја продаваат.
Кога фундаменталистите и техничарите се согласуваат, инвеститорите имаат поголема доверба за донесување на инвестициски решенија. Но, дури и кога двете страни не се согласуваат, доволно е да бидат свесни за ризикот копј постои од другата страна се со цел да донесуваат подобри решенија.
За авторот: Снежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.
Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.
Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.