Повеќето инвеститори во нашата заедница веруваат дека цените на криптото ќе се зголемат. Но, дали тоа ќе се случи брзо или на долг рок е отворена тема на дискусија. Следниот нагорен тренд ќе биде далеку поразличен од претходниот. Во претходниот биков тренд, секое крипто вртоглаво растеше. Вие можевте да купите било кое крипто и преку ноќ да заработите двократно па дури и трократно од него. Секој ден се издаваа нови крипто со возвишена цел и план за развој и сѐ звучеше добро на хартија, па така инвеститорите “фрлаа” пари во нив и следно нешто што знаеја е дека цените растат и прават нови издигнувања и сите заработуваа пари. Тоа беше одлично време да се инвестира во крипто пазарот, па дури и оние што немаа познавање за него направија многу пари.
Ако верувате дека криптото има иднина, без оглед дали е краткорочна или долгорочна, тогаш вистинскиот потег е континуирано да додавате нови солидни крипто во вашето портфолио. Ако цените растат на краток рок, вие ќе забележите големи придобивки, а ако тие одат нагоре на долг рок, ќе видите уште поголеми придобивки. Сега, сигурно си го поставувате прашањето, во кои крипто да инвестирате?
Постојат неколку различни начини како можете да го конструирате вашето портфолио во сегашната крипто средина. Јас сакам да започнам со класификација на крипто пазарот во три основни групи на средства за да можам прво да ја измерам изложеноста на секоја од нив.
- Монетарни или парични крипто средства – на пример Bitcoin или Litecoin. Овие средства немаат паричен тек но имаат непроменлива монетарна политика, што ги прави да се користат како алтернатива за зачувување на капиталот. Овие крипто се дизајнирани да бидат дефлаторни, заменливи, ретки, отпорни на заплена или цензура. Нивната вредност на долг рок е тешко да се пресмета бидејќи немаат паричен тек и во суштина нивната вредност се гради врз основа на верувањата на луѓето. Еден од начините како да ја определите нивната вредност е преку компаративна анализа на пример на вкупната пазарна вредност на физичкото злато или на пример вкупната понуда на “фиат пари”. На краток рок, еден од начините да се пресмета нивната вредност е цената на производство (трошокот за нивно ископување и трошокот за потрошена електрична енергија).
*Фиат пари се издадени од влада и не се поддржани од физичка стока како што се златото или среброто. Тие им даваат на централните банки поголема контрола врз економијата затоа што тие можат да контролираат колку пари се отпечатени. Повеќето современи валути од хартија, како што се американскиот долар или еврото се “фиат валути”.
- Мрежни базирани средства – Network assets – на пример Ethereum или Binance coin. Овие средства се основната инфраструктура која поддржува изработка на разни апликации. Нивната вредност се изведува од количината на активности од корисниците на апликации кои се добиваат на платформата која ги нуди. Исто така, најдобрите мрежни средства се оние кои имаат не само голем број на корисници, туку и голем број на програмери кои градат на таа платформа во споредба со некоја друга. За полесно да разберете, земете ги на пример Android наспроти IOS. Ако се прашувате како да ја видите нивната значајна употреба проверете ги податоците (on-chain metrics) како што се број на нови адреси, број на трансакции, “стакинг” итн.
- Софтверски базирани средства – Application-based Assets на пример Uniswap и Aave. Овие средства се вреднуваат врз основа на повеќекратни приходи и најмногу потсеќаат на акциите. Овие се најнови, најволатилни и зависат од силата на заедницата која ги користи. Носителите на овие средства имаат право на управување над апликацијата и остваруваат парични приливи кои произлегуваат од провизиите од употребата на апликациите. Token terminal е одлично место каде може да ги следите приходите кои ги остваруваат овие апликации, заедно со коефициентот price-to-sale за релативно вреднување на истите.
Конструирање на крипто портфолио
За долгорочен раст на вашето портфолио рамнотежата е основниот клуч. Како што се менуваат условите на пазарот се појавуваат нови нагорни трендови додека други губат на сила. Па така, тоа што треба да направите е алокација во вашето портфолио помеѓу основните класи на средства, во некои да бидете повеќе изложени а во други помалку, нешто како на пример 60/30/10 портфолио составено од акции, обврзници и готовина.
Вашата одлука за алокација и конструирање на крипо портфолио не треба да зависи од апсолутната сума на пари кои сакате да ја инвестирате, туку како процент од вашата вкупна нето вредност што сте спремни да ја инвестирате и изложите на ризик во крипто средства. Пред да одлучите да инвестирате во крипто, постојат две клучни прашања на кои треба да си дадете одговор:
- Кој е вашиот инвестициски хоризонт?
Колкав поврат на инвестиција очекувате и за колку години сакате да ја остварите истата.
- Која е вашата толеранција за ризик?
Дали вашата толеранција за ризик е висока, средна или ниска. Исто така треба да одлучите колку пари сте спремни да вложите и ризикувате со цел да ја постигнете вашата инвестициската цел.
Не помалку важно е да одлучите колку крипто сакате да имате во вашето портфолио. Дали сакате 5, 20, 100? Според мене, идеално е да имате помеѓу 15 и 20. Како прво затоа што постои висока корелација на крипто пазарот и затоа што е многу полесно да се излезе од само неколку позиции кога има масовна продажба на пазарот.
За да го одредите најповолниот момент за инвестирање на крипто пазарот, доколку веќе не сте го направиле тоа, најдобро е да почнете со фундаментална анализа, потоа да ги погледнете налозите за тргување (book orders), техничките индикатори и on-chain метриката.
Преку фундаменталната анализа сакаме да дознаеме колку е “здрав” пазарот на криптото кое сакаме да го имаме во нашето портфолио. Тоа што треба да провериме е на кои менувачници се котира, колку е неговата пазарна капитализација, колку е ликвидно, колкав обем на тргување има, неговата ценовна активност. Следно што треба да анализираме е колку е “здрава” мрежата поврзана со него, како што се бројот на трансакции, активни адреси итн. Исто така, од големо значење е да провериме и кои се луѓето кои стојат позади неговото креирање, развој, со кого има партнерство и какво е неговото прифаќање и интеракција од страна на заедницата.
Преку налозите за тргување (order books) можеме да видиме на која страна е насочена трговијата со криптото. Дали купувачите агресивно ги креваат нивните понуди за купување или продавачите се поагресивни и ги намалуваат нивните понуди. Tradinglite.com е одлично место од кое може да ги видите во длабочина налозите за тргување.
Изборот на технички индикатори е личен според вашите преференции. На пример, можете да го користите индексот RSI (Relative Strength Index) кој е широко прифатен индикатор за интензитетот на движење на цената.
За крај, останува on-chain анализата. На пример, од последната анализа од Glassnode можеме да забележиме дека имаме огромна количина на крипто кои ги напуштаат менувачниците и кое имплицира фаза на акумулација.
За авторот: Снежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.
Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.
Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.