ШТО СЕ ОБВРЗНИЦИ?

  • Обврзницата претставува облигација помеѓу заемопримач и заемодавател.
  • Обврзниците се нарекуваат и инструменти со постојан приход затоа што најчесто исплаќаат фиксна камата во текот на својот живот.
  • Компаниите и/или владите се од страната на заемопримачи кои учествуваат на примарните пазари на капитал преку емисија на обврзници со цел да дојдат до извор на средства.
  • Тоа што е најбитно да се запомни е дека приносот и цената на обврзницата се обратно пропорционални.

 

ЗОШТО ДА КУПУВАТЕ ОБВРЗНИЦИ

  • Главната причина е заради исплатата на камата. Постои можност и за капитално добивка ако каматните стапки паднат.
  • Инвеститорите кои купуваат обврзници знаат однапред:
  • Кога ќе им биде исплатена камата
  • Колкав износ на камата ќе им биде исплатен
  • Кога ќе си ја повратат инвестицијата , односно откупат главницата
  • Обврзниците имаат приоритет на исплата во случај на ликвидација
  • Како дел од едно инвестициско портфолио, обврзниците помагаат да се избалансира приносот од понеизвесните средства во кои се инвестира.

 

ИЗДАВАЧИ НА ОБВРЗНИЦИ

Двете групи на издавачи на обврзници се:

  • Обврзници издадени од централните влади, дрзавата и локалните општини
  • КОбврзници издадени од страна на компаниите

Државните обврзници се поткрепени со целосна кредитна доверба од страна на владата која ги издава.

Обично обврзницата претставува 1.000 парични единици од валутата во која е издадена. Во нашата земја, еден лот обврзница претставува 10.000 денари.

Најчести имиња на обврзници во одделните земји

Соединети држави Treasury bonds, Notes, Bills
Германија Bunds, Bobls, Schatz
Франција Oats, BTFs, BTANs
Обединето кралство Gilts
Јапонија JBGs

 

КОМПОНЕНТИ НА ОБВРЗНИЦИ

  • Номинална вредност (Principle or Face Value)

Претставува износот што ќе му биде вратен на инвеститорот на денот на доспевање на обврзницата.

  • Датум на доспевање (Maturity)

Датумот на кој номиналната вредност, односно главницата од обврзницата му се враќа на инвеститорот.

  • Купон (Coupon)

Претставува периодичната исплата на камата. Исплатата на купон не варира со цената на обврзницата.

  • Принос (Yield)

Купон/Цена на обврзницата. Цената по која се купува обврзницата не мора задолжително да биде по нејзината номинална вредност.

  • Par Value

Номиналната вредност на обврзницата е изразена во %. Ако обврзницата се тргува на цена 105, тоа значи дека истата чини $1.050. Тоа е 105% од номиналот.

  • Принос до доспевање (Yield to Maturity)

Тука е вклучен целиот принос од обврзницата од камати, капитални добивки и враќање на главницата на денот на доспевање.

  • Рејтинг (Rating)

Мерка за квалитет која им овозможува на инвеститорите да дознаат повеќе за издавачот

  • Куповна цена/Продажна цена/Последна цена (Bid/Ask/Last)

Деноминирани во единици специфични за хартијата од вредност

  • Конвертибилни обврзници (Convertible)

      Содржат во себе право да бидат разменети за акции.

  • Отповикливи (Callable)

Му овозможуваат на издавачот да ги отповикаат и да го исплатат долгот.

ВРЕДНУВАЊЕ НА ОБВРЗНИЦИТЕ

Котираната цена на обврзниците е во проценти од нејзината номинална вредност или принос. На пример: 2.5 исплаќа 2.5% годишна камата (обично исплатите се полугодишни) до нејзиното доспевање.

Кога цената на обврзницата е поголема од 100, приносот од обврзницата е понизок од купонската камата.

Приносите од обврзниците се во номинална вредност, односно во нив не е вкалкулирана инфлацијата. Ако стапката на инфлација го надмине приносот на обврзницата, реалниот принос од истата е негативен.

Номинална вредност Котација Пазарна цена Се тргува на
$ 1.000 100 $1.000 На пар/иста вредност
$ 1.000 102 $1.020 Со премиум
$ 1.000  97    $970 Со дисконт

ДРЖАВНИ ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ

Кога владите на одделните држави имаат потреба од средства за реализација на инфраструктурни проекти или кога имаат потреба да го покријат буџетскиот дефицит тие бараат инвеститори кои ќе им помогнат во остварување на целите.

Постојат два начини преку кои го постигнуваат тоа:

  • На пазарот на пари, каде пласираат државни записи кои имаат достасување до една година и
  • На пазарот за обврзници каде може да позајмат пари со рок на достасување до 30 години преку емисија на државни обврзници.

И двете се нарекуваат аукции.

КОРПОРАТИВНИ ОБВРЗНИЦИ

Исто како и кај владите, компаниите доаѓаат до извор на капитал на примарните пазари на капитал преку издавање и продавање на обврзници и записи. И е му обезбедуваат на купувачот фиксен приход. За разлика од акциите, сопствениците на обврзници немаат право на глас и не поседуваат дел од сопственоста на компанијата. Обврзниците се исплаќаат први во случај на ликвидација. Често се користат од страна на старт ап компании и може да се конвертираат во обични акции (конвертибилни обврзници).