“Да се победи стравот е почеток на мудроста” – Бертранд Расел
Сите ние во текот на животот имаме различни потреби, желби, аспирации и.т.н. Шансите се дека имаме повеќе цели и за да ги оствариме нив потребно е да научиме како и каде да ги инвестираме своите пари.
Ако ги прашаме милениумците каде ги инвестираат своите пари, нивниот одговор ќе биде во кеш односно во депозити.
Една од причините зошто е тоа така е поради нивното лично искуство. Постарата генерација од Милениумците се сведоци на dot-com bubble – “дот-ком ” кризата во 2000 година, финансиската криза во 2007 година и последна криза на финансиските пазари со која се соочивме е Ковид кризата.
Друга причина е тоа што многу често одлуките за инвестирање/тргување се донесуваат несовесно, под дејство на емоции и при првата загуба на пари се враќаат повторно на инвестирање во депозити како најсигурна опција.
Тоа што тие не го знаат е дека историски гледано тоа е најлошиот избор. Наместо да ги чуваат своите пари во депозити и во други кеш инструменти, кои едвај може да ја победат инфлацијата, – тие треба да ги пренасочат своите пари во инвестиции со соодветен рок на инвестирање. Старосната граница на милениумците е од 24 до 39 години, кое значи дека најголем дел од нивните инвестиции треба да бидат насочени во акции, отворени инвестициски фондови кои инвестираат во акции и отворени инвестициски фондови кои се тргуваат на организирана берза т.н. ЕТФ-и.
Сметам дека најголем проблем е немањето на доволно информација и познавање за тоа колку многу повеќе принос може да им донесат инвестициите во акции наместо да ги орочуваат своите пари во депозити или да купуваат обврзници.
Во следниот графиконот се прикажани две криви на принос од кои може да се увиди огромната разлика во приносот доколку секоја година инвестирате во берзанскиот индекс на акции S&P500 наместо на издвојувате пари на посебна сметка за заштеда за пензионирање.
Разбирањето зошто изборот во акции е подобар ќе им помогне на милениумците да постигнат подобри инвестициски резултати.
Исто така е многу важно да се потенцира дека за инвестициите е потребен по-долг временски хоризонт. Инвестирањето на краток рок е исто како коцкање. Шансите се 50% да победите.
Подолгиот временски хоризонт го намалува ризикот од загуба и тоа може да погледнете од следниот графикон:
Веројатност за позитивен поврат на инвестиција во период од 1928 до 2019 година.
Ако не знаете од каде да почнете или кој е најдобриот избор на инвестиција според Вашите потреби и толеранција на ризик, можете да го пополните следниот инвестициски прашалник или секогаш можете да се информирате и да се обратите за совет од професионалните портфолио менаџери и финансиските аналитичари кои иммат познавање да Ви помогнат и да ве насочат.
За авторот: Снежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.
Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.
Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.