Бидејки во последно време често ме прашуваат за мислење што може да се очекува следно на крипто пазарот, дали да ги продадат сега своите криптовалути и да купат покасно на пониска цена, мојот одговор е НЕ.  Одговорот е дека е премногу е касно да ги продавате вашите криптовалути токму сега.

Во Биткоин заедницата има нешто што го нарекуваат  “Правило на 10”. Ова правило укажува дека буквално сите најголемите придобивки на биткоиниот може да се пронајдат во само десет дена расфрлани низ деценијата во која криптото е присутно. Ако продадете сега, поверојатно е дека ќе продадете за загуба и всушност ќе го пропуштите следниот голем скок. Кога тој скок ќе се случи, предводени од FOMO (Fear Of Missing Out) ќе влезете во тој момент кога веќе пазарот ќе го има достигнато најголемото движење на цената Тоа е најлошиот начин за инвестирање, и најдобриот начин да се изгубат пари на овој пазар.

Затоа, наместо да се обидувате да го пронајдете следниот 11-ти ден, ви советувам да применете една позната стратегија од Ворен Бафет која се нарекува Dollar Cost Average (DCA). Оваа стратегија важи особено за вас, кои сте нови во крипто светот и е особено добра за секој што се прашува сега дали треба да ги продава своите криптовалути. DCA е стратегија со која инвестирате во одредена класа на средства со фиксен износ на пари во фиксни интервали. На пример, да речеме одвојувате 5% од вашата плата, 25 евра на две недели или 50 евра/месечно и купувате криптовалути. Применувајки ја оваа стратегија, вас ви се нуди можност да купувате повеќе криптовалути кога цената паѓа, а помалку кога цената расте. Со други зборови, кога има надолна корекција на пазарот, со истиот износ на пари вие добивате повеке криптовалути во вашето портфолио. Износот на пари за инвестирање е личен избор на секој од вас согласно вашите преференции и можности. Тоа што е важно за оваа стратегија не е износот на пари и/или на кој интервал ќе купувате, туку конзистентноста и тргање на емоциите на страна.

Една од многу бројните анализи која оди во поткрепа на биткоинот е прикажана на графиконот подолу каде јасно може да се види позитивна дивергенција помеѓу цената и индикаторот RSI(14).  Позитивна дивергенција се појавува кога цената се движи надолу и прави ново пониско дно, додека RSI прави повисоко дно. Ова потврдува пресврт на трендот од надоле кон нагоре.

Секогаш сметам дека графиконите треба да ни бидат колку може повеќе “чисти”. Колку помалку користиме индикатори и разни линии исцртани на графиконите, толку ни е појасна сликата.

За авторотСнежана Поповска е дипломиран економист, прва во регионот сертифициран CMT (Овластен берзански техничар) од страна на CMT Association (Асоцијација на берзански техничари), CFTe (сертифициран финансов техничар) од страна на IFTA (Меѓународна федерација за техничка анализа), член на комисијата за стручно усовршување во рамки на АЦИ Македонија како и овластен инвестиционен советник од страна на KХВ на Македонија. Личност која освен своите стекнати меѓународни сертификати поседува долги години искуство токму во областа на финансиски пазари и меѓу банкарски односи.

Снежана има љубов кон техничката анализа и верува дека однесувањето и психолошките аспекти на трговијата и инвестирањето може да се управуваат со соодветно образование и систематско тргување.

Напомена: Текстот, графиконите и анализата презентирани од страната на авторот се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба.