Обично постојат 4 вида на различни категории за вложување кои се користат за идентификација од страна на отворените инвестициски фондови. На тој начин и се категоризираат истите:

  • Акциски (најголем дел од парите на фондот се инвестираат во акции на компании)
  • Обврзнички (најголем дел од парите на фондот се вложуваат во обврзници и хартии од вредност со фиксен доход)
  • Балансирани (парите се инвестираат сразмерно во акции на компании и во обврзници)
  • Парични (најголем дел од парите на фондот се инвестираат во краткорочни должнички хартии од вредност издадени од државата и вложувања во депозити кај овластени банки со рок на доспевање пократок од една година).

Што треба да знаете

Различните финансиски инструменти во кои се вложуваат средствата на фондот носат различен степен на ризик, како и различни можности за остварување принос. Односот помеѓу ризикот и приносот е правопропорционален, односно колку е фондот повеќе изложен на ризик (пазарни осцилации) толку повеќе носи со себе и можност за остварување поголем принос (акциски, балансиран). Фондовите кои вложуваат во хартии од вредност со помали осцилации (низок степен на ризик) по правило на подолг рок остваруваат понизок принос, но затоа нудат поголема сигурност и стабилност во вложувањата (парични и фондови кои инвестираат во долгорочни должнички хартии од вредност).

Друштвата за управување со отворени инвестициски фондови наплаќаат одредени провизии за својата работа. Битно е да се знае дека провизиите директно влијаат врз намалување на остварената заработка на инвеститорот и затоа мора да се внимава за деталите околу ова прашање. Постојат влезни и излезни провизии, и надомести за управување на средствата. Влезните провизии се наплаќаат како процент од сите пари што се вложуваат во фондот. Овој процент е еднократен и е предмет на договор. Надомест за управување со средствата на фондот е процент од вкупните средства во фондот што се пресметува на годишно ниво а се наплаќа во текот на целата година. Постојат и други трошоци што директно се плаќаат од парите во фондовите, а индиректно ги плаќа инвеститорот (надомест на депозитарна банка, трошоци за брокерски услуги, трошоци за депозитар на хартии од вредност итн…)