Акции Featured

Акциите претставуваат капитал со кој стекнувате  делумна или целосна сопственост во дадена компанија.  Акциите може да се тргуваат на берза или на пазар преку шалтер (OTC market).

Берзата претставува место или институција во рамките на која се одвива организирано тргување со хартии од вредност. Тргувањето на берзата се врши со посредство на овластените учесници на овој пазар – брокери, кои тргуваат за сметка на своите клиенти.

Пазарот преку шалтер претставува алтернативен облик на пазар на хартии од вредност, при што куповните и продажните налози што ги добиваат брокерските куќи може да се склучуваат помеѓу самите брокерски куќи без да се излегува на берза.

 

ЗОШТО ДА КУПУВАТЕ АКЦИИ?

Три причини:

  1. Капитална добивка која претставува зголемување на вредноста на акциите и се остварува со продажба на истите по повисока цена од цената на којашто се купени.
  2. Приход е прилив на парични средства од исплата на дивиденда.
  3. Влез во управувањето на компанијата – носителите на обични акции имаат право на глас во акционерското собрание на компанијата при разни иницијативи, избор на директори…

ОБИЧНИ АКЦИИ

Обичната акција е првата хартија од вредност која една корпорација ја издава и во случај на банкротство, последната што може да биде наплатена. Тие претставуваат побарување со најнизок приоритет спрема приходите и средствата од сите емитирани хартии од вредност. Во случај на ликвидација на компанијата, имаат побарувања кои се исплаќаат после исплата на сите обврски. Сопствениците на обични акции имаат право да гласаат за изборот на директори на компанијата и да гласаат за главните прашања кои се од значење за компанијата кои се презентирани пред нив.

ПРИОРИТЕТНИ АКЦИИ

Приоритетните акции се еден вид на хибрид помеѓу обичните акции и обврзниците. Компанијата им исплаќа дефинирани и најчесто повисоки дивиденди во одредени фиксни интервали на сопствениците. При исплатата на дивиденда, носителите на приоритетни акции се исплаќаат први, односно пред обичните акции. Приоритетните акции овозможуваат потенцијална капитална добивка, но не носат право на глас.

Компаниите издаваат приоритетни акции бидејќи им се дава можност да приберат голема сума на пари за кратко време.

Предности:

  • Институциите имаат посебен даночен третман
  • Се сметаат за посигурно од обичните акции
  • Понекогаш можат да бидат претворени во обични акции

Нивна негативна страна е тоа што можат да бидат “повикани” што и дава права на компанијата да ги откупи назад по нивната номинална вредност.

 

ГАРАНЦИИ

Гаранциите издадени со акции на носителот му даваат право да купи акции по фиксна цена, директно од компанијата по претходно дефиниран датум.

Тие се слични со опциите, но:

  • Опциите се издаваат од други трговци на пазарот
  • Гаранциите се издаваат од самите компании – компанијата издава нови акции кога гаранцијата е реализирана.

 

КОРПОРАТИВНИ АКТИВНОСТИ

При правење на анализа за земање на инвестициско решение, потребно е да ги земете во предвид следните активности кои ги преземаат компаниите и кои имаат влијание на цената на акцијата.

  • Датум на екс дивиденда – одредува кој е со право на исплата на дивиденда.

Датумот на екс-дивиденда за акциите обично се поставува еден работен ден пред датумот на објавување. Ако купите акции на датумот на екс дивиденда или после тоа, нема да ја добиете следната исплата на дивиденда. Наместо тоа, продавачот ја добива дивидендата. Ако купите пред датумот на екс-дивиденда, ја добивате дивидендата. Исто така треба да знаете дека обично цените на акциите растат до датумот на екс дивиденда и после тоа паѓаат.

  • Секундарна емисија на акции

Првичната јавна понуда (IPO) е кога компанијата за прв пат излегува јавно на берза и котира акции. Секундарната понуда претставува нова емисија на хартии од вредност на веќе постоечка компанија на берзата. Оваа активност ја разредува вредноста на сите постоечки акции на компанијата и можно е цената на акциите да се намали при секундарна емисија.

  • Ограничени акции

На внатрешните лица на компанијата, директори и менаџери, може да им бидат доделени акции од компанијата која излегува јавно на берза. Овие акции обично имаат ограничување за одреден период од време, односно имателите на овие акции не можат да ги продаваат додека трае таканаречениот “период на заклучување”. По завршување на тој период, цената на акции може да се намали како последица на нивна продажба од страна на внатрешните лица на компанијата.

 

ПОДЕЛБА НА АКЦИИ

Компаниите носат одлука за поделба на акциите од различни причини. Тоа што треба да запомните е дека при поделба на акциите не се менува вредноста на вашето портфолио доколку поседувате такви акции и исто така нивната пазарна капитализација на пазарот не се менува.

  • Кога имаме поделба на акциите, бројот на акции се зголемува додека цената на акцијата се намалува соодветно за соодносот спрема кој е направена поделбата.
  • Исто така компаниите може да се одлучат и за обратна поделба на акциите и во тој случај, се намалува бројот на акции а се зголемува нивната цена соодветно. Најчесто компаниите се одлучуваат на ваков потег бидејќи мора да одржуваат одредено ново на цената на акцијата за да може да останат и да бидат котирани на берзата.

 

ПАЗАРНИ СЕГМЕНТИ

Најчесто аналитичарите при својата работа го следат движењето на пазарот преку користење на индекси и одредено групирање на акциите. Постојат многу начини за нивно групирање. Најчесто акциите се групираат заедно според:

  • Сектори и индустрии
  • Пазарна капитализација (големина)
  • Географска локација
  • Стил (дефанзивни, циклични, брзо растечки акции итн.)

Ценовните движења на одредена група акции најчесто е просечна цена која се добива со еден од начините за пресметка што се користат кај индексите.

Напишете коментар

Disclaimer

Напомена:  Сите текстови, техники, графикони, анализи или резултати презентирани на страната на Инвест Поинт се само за едукативни цели. Дадените информации не треба да се толкуваат на кој било начин како препорака за купување или продавање на кој било финансиски инструмент. Секогаш треба да се консултирате со вашиот лиценциран инвестиционен советник и/или личен банкар за да ја утврдите соодветната инвестиција спред вашата финансиска состојба. Инвест Поинт и неговите соработници нема да бидат одговорни за вашите инвестициони одлуки.
Send this to a friend